„Овој момент пресуди за падот на кошарката во Македонија“…. Новата федерација сега е на ист испит!

Ѓорѓе Војновиќ доживеа блескави моменти како дел од раководството на Македонската кошаркарска федерација кое се израдува на чудото во Литванија на ЕП 2011 и најголемиот успех во нашата кошаркарска историја.

Успешниот бизнисмен во најновото издание на подкастот „ПРЕСИНГ“ говори на бројни теми, воедно го открива и моментот што според него пресудил да дојде до сериозен пад на клупската кошарка во Македонија, што потоа се пренесе и врз резултатите на репрезентацијата.

„Ние после еуфоријата го заборавивме системот. Клупската кошарка почна да паѓа пред тоа првенство. Јас за тоа имав голема расправија со тогашното раководство, кога претседателот реши клубовите да ја водат лигата. Значи здружението на клубови да ја води лигата, иако во Статутот јасно пишуваше каков е системот и кој мора да стои зад Првата лига… Федерацијата тогаш кажа нас тоа не не интересира, ние треба да сме само за репрезентација. Тоа беше мојата најголема расправија, не смеевме така да се откажеме… затоа што кога ти ќе оставиш клубовите да ја водат, тие клубови го гледаат сопствениот интерес и се групираат. Нивниот начин на размислување е зошто да се младите во фокусот…., ќе ставиме двајца странци, па ќе изгласаме тројца странци, па пет странци… На тој начин се урна системот што се градеше толку долго, уште од времето на Југославија“, вели Војновиќ за „ПРЕСИНГ“.

Тајмингот на оваа изјава на легендата е уште поинтересен ако се знае токму на последниот состанок во федерацијата, прволигашите го покренале прашањето преку нивното Здружение да раководат со лигата.

Истите прволигаши кои повеќе од половина имаат долгови кон федерацијата, играчи и кому уште не, се сметаат компетентни за да водат со натпреварување што е руинирано токму поради нивото на кое фукнционираат истите тие клубови.

Неофицијално, раководството на таа средба пред петнаесетина дена искажало подготвеност да дискутира на темата.

Сепак, ваквиот коментар на Војновиќ за „ПРЕСИНГ“ мора да допре до највисокото раководство на МКФ (претседателот и генералниот секретар), затоа што сегашната состојба е наплатена сметка од грешките од минатото. И ако тие грешки се повторат сега, особено со вакви клубови кои се „докажани експерти за ситни интереси“, вината нема да биде кај прволигашите, туку кај тие што им ја дадоа власта да раководат со елитното машко лигашко натпреварување.

Во продолжение, погледнете ја изјавата на Ѓорѓе Војновиќ за „ПРЕСИНГ“ на оваа тема…

Уживајте гледајќи ја целата нова емисија на ПРЕСИНГ, посветена на кошарката, во која покрај Војновиќ гостин е и поранешниот македонски селектор и тренер на МЗТ Скопје, Александар Тодоров.

Се вчитува...