Озил има понуда од САД, но сака да игра во Турција

Месут Озил се врати во стартниот тим на Арсенал на вчерашниот дуел со Барнли, но германскиот ас е свесен дека не е дел од плановите на Унаи Емери, па веќе почна да ги разгледува опциите за заминување од „Емирати“ веќе во текот на јануарскиот преоден рок.

Неколку клубови од американската МЛС-лига покажаа интерес да го доведат Озил во своите редови, но проблем претставува платата од 300.000 фунти неделно што фудбалскиот генијалец ја има според договорот со Арсенал, а што не може да му ја израмни ниту еден тим „од другата страна на Атлантикот“.

Токму затоа Озил ја отфрлил можноста за преселба во САД, па сега приоритет за овој фудбалер е преселба во Турција, земјата на неговата родители. Интересно, најсериозниот интерес не доаѓа од Фенербахче, Галатасарај или Бешикташ, туку од Башакшехир, клуб што сака со ангажманот на Озил да направи значаен чекор напред во обид конечно да стигне до шампионската титула.

„Месут Озил е драгоцен фудбалер, се надевам дека еден ден ќе ни се поклопат патиштата. Ако тој сака да дојде кај нас, ние ќе сториме се за да го донесеме“ – изјави претседателот на Башакшехир, Гоксел Гумусдаг.

Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој е сериозно заинтересиран за трансфер во овој клуб од Истанбул, доколку успее да се постигне договор околу финансиите.

Се вчитува...