Озил не се кае: Пак би се сликал со Ердоган

Месут Озил уште повеќе ќе го навлече бесот на германската јавност откако денеска изјави дека не чувствува ниту ронка вина за фотографијата со турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тој се фотографираше заедно со Илкај Гундоган, со што предизвика бурни реакцииво јавноста во Германија поради фактот дека Ердоган е крајно неомилена личност во оваа земја.

Дел од медиумите ги обвинија Озил и Гундоган дека на тој начин ја расипале атмоферата во репрезентацијата пред почетокот на Мундијалот, директорот Оливер Бироф призна дека можеби згрешиле што двајцата играчи не биле отстранети од националниот тим, но Озил останува на ставот дека не сторил ништо лошо сликајќи се со турскиот претседател на хуманитарен настан што се одржал во Лондон.

„Иако во германските меддиуми беше претставено поинаку, факт е дека доколку одбиев да се сретнам со претседателот на земјата на своите родители, тоа ќе беше непочитување и кон него и кон нив самите. Без оглед која е личноста што ја извршува функцијата, јас со задоволство се сликав со претседателот на Турција, од почит кон целата држава. Не ми беше цел да влетам во изборна кампања, но не жалам што се фотографирав со Ердоган, кога времето би се вратило назад јас пак би го сторил истото“ – изјави Озил.

На потег е селекторот Јоаким Лев, кој ионака не беше задоволен од настапите на Озил на мундијалот, па интересно ќе биде да се види дали асот на Арсенал ќе биде повикан во тимот за претстојните натпревари од Лигата на Нации во септември, први средби на германскиот национален тим по фијаското на СП 2018.

Се вчитува...