Месут Озил нема намера да потпише договор со Арсенал дури и доколку бидат прифатени неговите финансиски барања, откако германскиот ас се разочарал од управата на клубот и нејзините сомнежи дека тој не играл на последните натпревари поради повреда. Одличниот плејмејкер беше најавен во тимот за гостувањето со ВБА, но се пожали на болка во пределот на мускулот, по што не беше ниту меѓу резервите на гостувањето во Бирмингем.
Англиските медиуми повикувајќи се на извори од управата на клубот изразија сомнеж дека германскиот интернационалец воопшто е повреден, шпекулирајќи дека тој поради неуспешните преговори за нов договор тактизира и не сака ниту да биде резерва додека не е 100% подготвен (посериозна повреда би му ги нарушила шансите за трансфер). Озил се почувствувал навреден од ваквите шпекулации и уште повеќе ја зацврстил одлуката за заминување од таборот на „топчиите“.
Неговиот актуелен договор истекува во јуни 2018 година, па Арсенал ќе мора да го продаде за да не ризикува следното лето тој да си замине без никаква отштета. Баерн Минхен веќе неколку години се споменува со планови да го доведе Озил во своите редови, Јувентус исто така е подготвен да плати околу 50 милиони евра за Германецот, а не се исклучува ниту можноста за негово останување во Премиер-лигата, во Манчестер сити или Манчестер јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА