Пачовски: Сакам да останам во фудбалот како тренер

Поранешниот репрезентативен голман Томе Пачовски стави крај на одличната кариера, а во иднина сака да се посвети на тренерскиот занает. Тој во 2015 година се врати по вторпат во редовите на Вардар и придонесе за многу за освојување на шампионските трофеи, иако во последнава сезона им отстапи место на помладите, Филип Гачевски и Игор Алексоски.

„Сакам да останам во фудбалот. Моето искуство да го пренесам на помладите голмани. Затоа сум во процедура на добивање на лиценца за да можам професионално да работам со голманите. Тука се гледам себе си и мислам дека ќе продолжам во фудбалот како тренер“, вели Пачовски во интервјуто за официјалниот сајт на клубот.

Како меч што најмногу ќе го памети од дресот на Вардар е дуелот на гости против АПОЕЛ во квалификациите за ЛШ…

„Без размислување, тоа е натпреварот со АПОЕЛ на гостински терен. Тоа беше прв меч во Лигата на шампионите после една година пауза, и со оглед на големите амбиции на клубот, имаше многу голем притисок. Јас го чувствував тоа на себе, и горд сум што успеав да ја завршам мојата работа, односно да не примам гол. Навистина штета што тогаш не отидовме во следното коло. Исто така одлучувачките натпревари со Шкендија за титулата пред две сезони не можам да ги заборавам“, истакнува Томе Пачовски.

Се вчитува...