Алекса Аврамовиќ по заминувањето од Партизан мина една извонредна сезона во дресот на ЦСКА Москва, по што српскиот плејмејкер повторно ќе направи трансфер, и тоа назад во Евролигата.
Дубаи ќе биде новиот клуб на српскиот репрезентативец откако овој АБА-лигаш по добивањето на лиценца за Евролигата реши значително да го зголеми буџетот и да тргне по врвни засилувања во текот на летото. Аврамовиќ имаше уште една година од договорот со ЦСКА, но рускиот тим ќе добие сериозна отштета за да го ослободи Србинот и да му овозможи тој повторно да стане дел од елитното европско натпреварување.
Претходно, Аврамовиќ беше поврзуван дури и со трансфер во Црвена Звезда, но раководството на Партизан стави до знаење дека овој трансфер не може да се реализира бидејќи во договорот што го имал со „црно-белите“ стои дека тој две години по заминувањето од Партизан не смее да го засили вечниот ривал.
Како најзвучно име што се поврзува со трансфер во Дубаи е Џанан Муса од Реал Мадрид, а тимот на Јурица Големац покажува сериозен интерес и за МВП кошаркарот на АБА-лигата, Мекинли Рајт од Будуќност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

