Веќе нема никакви дилеми, Енцо Мареска ќе биде наследникот на Маурицио Покетино во Челси, откако денешните финални преговори на италијанскиот стратег со раководството на лондонскиот премиерлигаш вродија со плод.
„Сините“ во изминатиот период преговараа со уште неколку стратези, но на крајот изборот падна врз Мареска, кој претходно му беше помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити, а минатата сезона успешно го водеше Лестер, носејќи го овој тим назад во Премиер-лигата. Италијанецот инсистирал на подолгорочен договор, а Тод Боели и клупските директори на Челси на крајот се согласиле на петгодишна соработка, во надеж дека по бројните тренерски смени во изминатиот период конечно ќе имаат стратег што подолг период ќе седи на клупата на „сините“.
Останува само уште да се договорат условите со Лестер, Мареска во договорот има клаузула за раскин од 10 милиони фунти, но Челси ќе се обиде да ја намали оваа сума, со понуда за позајмица на некој од помладите фудбалери во тимот за наредната натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА