Роберто Манчини ќе седне на клупата на Јувентус и ќе го предводи најтрофејниот италијански клуб во наредните две сезони откако екс-селекторот на Италија постигна договор со управата на „црно-белите“ за камбек на италијанската клупска фудбалска сцена. Сепак, Манчини инсистирал да не доаѓа среде сезона, туку преземањето на кормилото да се случи во текот на летото, што на крајот било прифатено од управата на „црно-белите“.
Информацијата прв ја објави „Тутоспорт“, италијанскиот весник кој важи за најблизок до гигантот од Торино и вообичаено не греши во ваквите вести. Според „Тутоспорт“, довербата што му се укажува на Тијаго Мота е само привремена, управата и навивачите целосно ја имаат загубено довербата во овој стручњак, за кого е само прашање на време кога ќе добие отказ, иако има уште две сезони до истекот на актуелниот договор.
Доколку резултатите наскоро не се променат на подобро, Мота би можел во следните дваесетина дена да добие „црвен картон“ од Јуве. Сепак, тоа не би го променило ставот на Манчини, кој инсистира на доаѓање во лето, па во една таква ситуација би се барало привремено решение за само неколку месеци, стратег што би ја завршил сезоната на клупата на „старата дама“, а потоа би го препуштил местото на поранешниот италијански селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА