Барселона осигура големо засилување за наредната сезона откако Џонатан Тах по долго размислување реши да ја прифати понудата на каталонскиот гигант. Германскиот репрезентативец ќе пристигне на „Камп Ноу“ како слободен играч, по истекот на договорот со Баер Леверкузен, откако тој уште пред извесно време јасно стави до знаење дека нема намера да ја продолжи соработката со „фармацевтите“.
Баерн Минхен до последно се обидуваше да го убеди Тах да го промени мислењето и да остане во Бундес-лигата, но баварците не успеаја во својата намера. Последните информации и од Шпанија и од Германија велат дека одлуката на Тах е конечна, во следните денови и официјално ќе биде потпишан и преддоговор, а официјализацијата на трансферот ќе се случи на самиот почеток од летниот преоден рок.
Доаѓањето на германскиот дефанзивец е на барање на Ханси Флик, поранешниот селектор на Германија имаше високо мислење за својот сонародник, а управата на Барса успеа да ја исполни желбата на својот шеф на стручниот штаб.
Се очекува во наредниот период да бидат стартувани преговори за нов договор на Флик, откако германскиот стратег ги задоволи вкусовите на управата и навивачите со добрите резултати, но пред се со стилот на игра што го наметна веднаш со своето доаѓање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

