Игор Тудор ќе остане на клупата на Јувентус и за наредната натпреварувачка сезона откако хрватскиот стратег ја доби довербата на раководството на „старата дама“.
„Црно-белите“ од Торино се надеваа дека ќе го убедат Антонио Конте да се врати во клубот, но откако трофејниот стратег реши да остане во Наполи, а пропадна и планот за ангажман на Гасперини (се пресели од Аталанта во Рома), на челниците на Јуве им стана јасно дека задржување на Тудор е најдобра опција во моментов.
Хрватот пристигна среде сезона на местото на Мота и ја исполни зацртаната цел – со победата во Венеција во последното коло стигнувајќи до билет за ЛШ за следната сезона. Јувентус во прв момент го продолжи договорот со Тудор на уште еден месец, за тој да ја води екипата на претстојниот клупски мундијал, но во меѓувреме е направен значаен чекор за потпис на долгорочен договор.
Новиот директор Демијен Коноли денеска имал лична средба со Тудор што двете страни ја оцениле како крајно позитивна, па се очекува до стартот на клупскиот мундијал Хрватот и дефинитивно да добие договор, по што погледите ќе се насочат кон засилување на играчкиот кадар за новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

