Раководството на Ливерпул конечно успеа да реши еден од трите големи проблеми со кои се соочува од почетокот на сезонава, постигнувајќи целосен договор за продолжување на соработката со Вирџил ван Дајк. Холандскиот дефанзивец е дел од ударното трио, заедно со Салах и со Александер Арнолд, капитенот секогаш изјавуваше дека приоритет му е да остане на „Енфилд“, а последните информации велат дека разговорите меѓу двете страни конечно биле крунисани со нов договор.
Сите детали се договорени, а се очекува „црвените“ во следните два до три дена и официјално да ја објават новата соработка со големиот ас, кој пристигна од Саутемптон за сума од 70 милиони фунти во 2015 година и веднаш се наметна како лидер на тимот на Јирген Клоп, сега и на Арне Слот. Неофицијално, новиот договор ќе биде на три сезони, па лесно може да се случи Ван Дајк на истекот на истиот (тогаш ќе има 36 години) како член на Ливерпул да ја заврши својата блескава кариера.
По овој потпис, се очекува „црвените“ целосно да се насочат кон задржување и на Мохамед Салах. „Фараонот“ ја игра најдобрата сезона во својата кариера, исто како и Ван Дајк упорно повторува дека сака да остане на „Енфилд“, но засега нема напредок во преговорите. Сепак, во таборот на Ливерпул владее огромен оптимизам дека Ван Дајк и Салах ќе останат во клубот и ќе бидат лидери на екипата и во наредната сезона.
Кога станува збор за Трент Александер Арнолд, десниот бек е многу поблиску до преселба во Реал Мадрид, па Ливерпул веќе му ја испрати последната понуда „земи или остави“ и очекува одговор на истата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА