Раководството на Атлетико Мадрид успеа да ја исполни желбата на Диего Симеоне за ангажман на нов врвен дефанзивец во тимот, и тоа Робин ле Норманд, шпанскиот репрезентативец кој блеска во дресот на „црвената фурија“ на ЕВРО 2024.
Токму Ле Норманд се наоѓаше на врвот на листата со желби на Симеоне за освежување на одбранбената линија, откако аргентинскиот стратег даде зелено светло за ветеранот Савиќ да го напушти клубот и на негово место да пристигне нов командант на одбраната. Шпанецот имаше зад себе одлична сезона во дресот на Реал Сосиедад, но фактот дека имаше помалку од две години од договорот со овој клуб придонесе цената да падне. Според шпанските медиуми, постигнат е целосен договор, Атлетико ќе плати загарантирани 30 милиони евра, плус пет милиони врзани доколку се активираат неколку клаузули.
Целиот фокус на Ле Норманд моментно е ставен на настапот на ЕВРО 2024, па клубовите се договорија да се почека на официјализација на трансферот по 10 јули, откако „црвената фурија“ ќе го заврши настапот на континенталниот собир (ако Шпанија стигне до финале, тоа ќе се игра на 14 јули). Дефанзивецот секако ќе добие одмор од петнаесетина дена, така што се очекува по враќањето од Германија Ле Норманд да ги мине лекарските прегледи, да потпише четиригодишен договор со Атлетико, па да замине на „полнење на батериите“ пред напорната сезона што ќе го очекува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА