Аргентина е репрезентацијата што го освои 47. издание на Копа Америка, откако „гаучосите“ во големото финале го совладаа вечниот ривал Бразил со 0-1, и тоа на неговиот фудбалски храм „Маракана“. Она што ќе остане запишано во историјата – ова е прв трофеј што Лионел Меси го освојува со сениорската репрезентација на Аргентина, со што фудбалската мегаѕвезда конечно ја урна клетвата што го следеше долги години.
Финалето очекувано мина во тактичко надмудрување без премногу шанси. Аргентинците се решија за тактика со згуснат среден ред што вроди со плод, одлично ги неутрализираа противници, а знаеја и како да ја искористат првата шанса што ја создадоа. Де Пол испрати долго додавање од сопствената половина во 22. минута, топката стигна до Ди Марија, кој велемајсторски го лобуваше Едерсон.
Аргентина ја имаше најубавата шанса за втор гол, Меси пропушти одлична можност да ја запечати победата, но најважно сепак е што оваа селекција се искачи на тронот, а Меси конечно го освои првиот трофеј во дресот на „гаучосите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА