МОМЕНТ НА 2020: Падот на „империјата Вардар“

Вардар е колективот што испишуваше историја на спортската сцена во изминатата деценија, ракометарите двапати станаа европски прваци, фудбалерите – прв клуб кој успеал да стигне до групната фаза од европските купови. И наместо тој упех да се надградува, дојде до потоп, кој се надзираше можеби во последните три години, за дното конечно да биде допрено во 2020 година, во која финансиската криза дополнително го отежни процесот за спас.

Кога станува збор за ракометот, спасител се најде во името на Михајло Михајловски, долгогодишниот претседател кој го прифати предизвикот за да не се случи целосен колапс. Тој се реши за маневар со отворање на нов клуб со име Вардар 1961, се со цел да не се наследат условите на старата управа, но тоа само по себе носи проблем бидејќи нов субјект не може да ги наследи трофеите на претходниот, ако не ги прифати обврските од неговото претходно работење. Во период „спаси што се може“ летово сето тоа беше оставено „под тепих“, но проблемот веќе е крајно сериозен, поранешните играчи на Вардар преку ЕХФ си ги бараат парите, новата управа ги насочува кон стариот газда, а во таква ситуација сосема реален исход е Вардар 1961 да го загуби „историското наследство“ и двете европски титули на Вардар.

Резултатите во ЛШ говорат доволно дека овој тим, без оглед на останувањето на дел од клучните ракометари, е само бледа сенка од онаа „црвено-црна машинерија“ што беше страв и трепет во ракометна Европа, дури и во периодот кога повеќе од една година не се земаше плата.

Сепак, и тоа е подобро од фудбалскиот клуб, кој е тотално банкротиран поради недомаќинското работење на управата на клубот. Зачудувачки, проблемите почнаа по историскиот успех и пласманот во ЛЕ, кој донесе и повеќемилионска (во евра) заработка за „црвено-црните“. Каде отидоа тие пари, знаат само газдата и директорот на клубот, а „Комити“ и сите верни „вардарци“ може само да прашуваат каде отидоа тие пари, со кој клубот можеше да функционира со години. Како сега се појавуваат долгови од околу три милиони евра што газдата не сака да ги покрие, па се обидува со нечисти игри да го врати клубот на Град Скопје, иако договорот е јасен – тоа е возможно само ако финаниската состојба се доведе „на нула“, а старите долгови бидат исплатени.

„Директорчето“ на „газдата“ пред неколку месеци се удираше во гради дека еве останале да го спасат клубот, и дека се ќе биде покриено, но веќе нема простор ниту за лаги (бидејќи на „директорчето“ и онака никој веќе подолго време не му верува). Никој веќе не верува ниту во она „Сергеј никому не останал должен“, па од клубот се редат нови заминувања. Вардар со месеци виси на работ од амбисот, иако веќе за почетокот од новата година се најавува можен спас со влез во клубот на моќна светска авиокомпанија.

Колку и да опстануваат уште само малкумина кои се обидуваат да ги одбранат неговите „дела“, веќе на сите им е јасно – единствен виновник за падот на „империјата Вардар“ е Сергеј Самсоненко, човекот што во периодот на политичка (а богами и финансиска) поддршка уживаше во славата, но кога истата исчезна, реши и тој самиот што побрзо да побегне од очите на јавноста. Иако, да не се лажеме, не е дека нема свои пари, ако се суди според спонзорствата по разно-разни спортски колективи низ Европа. И, не е никаков срам некој проект да заврши. Срамот е голем кога се нема образ да се застане пред одговорноста, пред вистината и пред оние излажани на кои долги години постојано си им ветувал.. Па дури и пред самиот себе… А, вината постојано и постојано ја бараш на друго место.

За жал, сето она што Сергеј го направи во историјата ќе остане избришано со неговото бегство од одговорност кога на Вардар му е најтешко, и тоа поради проблемите и недомаќинското работење на самиот Самсоненко.

Се вчитува...