ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Сите ривали на Македонија имаат иста примарна цел, да го исфрлат од ритам нашиот капитен Кире Лазаров. Сепак, австрискиот селектор Алеш Пајович предупреди на уште еден значаен адут на „црвено-жолтите“, Стојанче Стоилов, двократниот европски првак со Вардар од 2017 и 2019 година.
„Лазаров е добро познат на сите, но она што мене ме импресионира е неговата комбинаторика со пивотот Стоилов. И Украина и Чешка имаа сериозни проблеми со запирање на овие акции, ние ќе мораме да најдеме подобро решение. Ако ги неутрализираме овие двајца ракометари, сме завршиле голем дел од работата“, истакна Словенецот на клупата на австрискиот национален тим.
Сепак, Пајович предупредува дека пред неговата репрезентација е сериозен предизвик.
„Во оваа група сите натпревари досега беа израмнети, јасно е дека ништо не е готово. Мораме да бидеме внимателни, ќе биде тешко бидејќи според мене Македонија се уште е најголем фаворит во групата. Навивачите на трибините се наш значаен адут, се надевам на голема поддршка и на денешниот натпревар“, изјави Пајович.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА