Панатинаикос е првиот финалист во Евролигата откако грчкиот гигант во полуфиналната пресметка во Берлин успеа да го слави над Фенербахче со резултат 73-57, за место во големото финале што на програмата ќе биде в недела. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека ПАО водеше од почеток до крај на ова полуфинале, а на турскиот тим не му помогна ниту поддршката од побројните турски фанови во УБЕР Арената во Берлин.
„Зелените“ тргнаа фуриозно во овој дуел, откако предводени од Кендрик Нан успеаја да поведат експресно со 10-0. Како што одминуваше времето така Фенер се враќаше во мечот, па благодарение на Хејс Дејвис и на Сестина на одмор се замина со само две поени предност на ПАО (38-36). Во третиот период се играше израмнето, во 30. минута Фенер имаше напад за израмнување, но резервистот Калаицаикис погоди тројка пред крајот на четвртината и во последните 10 минути се влезе со „плус четири“ за ПАО (56-50).
Грчкиот гигант потоа одлично го отвори и четвртиот период од ова полуфинале, набрзина стигна до двоцифрена предност што потоа ја одржуваше до самиот крај и конечните 73-57. За потсетување, ривал на Панатинаикос во големото финале ќе биде победникот од мечот Реал Мадрид – Олимпијакос што се игра вечерва во 21.15 часот.
Лесор беше предводник на ПАО со дабл-дабл од 17 поени и 10 скокови, Нан постигна 14, а Грент 13 поени, додека кај Фенербахче најефикасни во овој убедлив пораз беа Хејс Дејвис со 14 и Гудуриќ и Сестина со по 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА