Грчкиот фудбалски клуб Панатинаикос, кој своевремено беше европски гигант, се соочува со можноста да биде префрлен во третата по ранг дивизија ако не го подмири долгот од 50 милиони евра за да добие лиценца за настап во елитната конкуренција. За тоа „детелинките“ имаат уште три дена, со оглед дека рокот е до 31.март. Во спротивно, освојувачот на 20 шампионски титули и 18 куп-трофеи во Грција, како и финалист од Купот на шампионите од 1971 година, ќе биде исфрлен во Третата лига на Грција.
На состанокот на 16 клубови од Суперлигата на Грција, не е прифатен предлогот на АЕК за промена на строгите прописи за добивање на суперлигашка лиценца. За овој предлог согласност дадоа само седум прволигаши, а за промена беа потребни 12 гласови.
Грчките медиуми најавуваат дека Панатинаикос е на работ да прогласи банкрот, а тоа значи и автоматска преселба во Третата лига на Грција. Кризата во клубот зеде замав кога во септември минатата година дотогашниот сопствениок Јанис Алафузос одлучи да си замине, поради преголемите долгови што ги има Панатинаикос.
„Во опоравувањето на клубот вложив 42 милиони евра од свој џеб. За мене лично, невозможно е и на психолошки и на економски план, да продолжам да го водам клубот. Направив романтична грешка кога се нафатив да влезам во клубот, но едноставно не можам да ја променам грчката фудбалска реалност“, изјави Алафузос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА