Панчев: Да не се распаднеше Југославија долги години ќе доминиравме со светскиот фудбал

Најголемото македонско фудбалско име, Дарко Панчев засекогаш ќе остане запишан во историјата на европскиот фудбал, меѓу се останато, и со податокот дека беше најдобриот стрелец низ квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 1992.

Тогаш, Југославија беше прва во квалификациската група пред Данска, а Панчев со 10 постигнати гола на осум меча беше најдобриот стрелец во квалификациите, оставајќи ги зад себе Французинот Жан Пјер Папен со 9 гола, легендарниот Марко Ван Бастен со 8 гола и Шпанецот Емилио Бутрагењо со седум постигнати погодоци. Југославија, на крај, поради европските санкции, не доби право за настап на ЕВРО 1992, Данска беше нејзината замена и стигна до европската титула.

Во разговор за српски „Журнал“, анализирајќи го актуелното Европско првенство 2024, македонската „Златна копачка“, меѓу другото на прашањето дали му е жал што не играше на Европското првенство 1992 година, без размислување ќе рече…

„Како да не. Во квалификациите за ЕВРО 1992 покажавме моќна игра. Делуваше дека може да бидеме еден од кандидатите за европски шампион. На крајот на краиштата, Данска, која не замени, беше шампион. Зошто тоа да не се случеше и со нас!? Политиката уште тогаш почна да плетка многу прсти во фудбалот. Почна со казните за Ц. Звезда, потоа и на Југославија. Навистина е голема штета за нашата генерација која можеше да доминира со светскиот фудбал во тие седум-осум години. Ни се случи земјата да се распадне, се случуваа многу страшни работи и не можевме да дојдеме до голем успех“ – вели Дарко Панчев.

Се вчитува...