Прославените македонски фудбалски легенди, Дарко Панчев и Илија Најдоски ќе бидат дел од тимот на ветераните на Црвена Звезда на ревијалниот натпревар кој на 27. мај треба да се игра во Штип во чест на родениот штипјанец, Драгослав Шекуларац.
За 27. мај во Штип е планирана официјалната промоција на спомен обележјето за 79-годишниот Шекуларац, едно од најславните имиња во историјата на „црвено-белите“ со 375 настапи и 119 постигнати гола за белградскиот тим, но и поранешен тренер на Црвена Звезда, кој е роден во Штип. Како што информираат организаторите, во рамките на тој хепенинг планирано е одигрување ревијален натпревар меѓу ветераните на Брегалница и ветерани на Црвена Звезда.
Организаторите на настанот добиле потврда за присуство на Дарко Панчев и Илија Најдоски, а се очекува потврда за евентуално доаѓање и на бројни македонски фудбалски легенди кои настапувале во дресот на Црвена Звезда како Драган Канатларовски, Митко Стојковски, Дарко Крстески, Драган Христовски…
За составот на ветераните на Брегалница, пак, најавени се бројни имиња кои оставиле силна трага настапувајќи во минатото за „сините“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА