„Без размислување, треба да се продолжи договорот на селекторот Благоја Милевски!“ (ВИДЕО)

Во најновата осма епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, заедно со својот гостин Горан Попов, ги анализираа очекувано и настапите на македонската репрезентација изминативе две години.

Македонија, точно две години е без пораз на официјални натпревари во Лигата на нациите и во квалификациските натпреварувања, со 14 врзани непобедени, што според Панчев и Попов е нескриен успех на оваа генерација. Токму поради, тоа недвојбено е размислувањето дека треба да биде продолжен договорот на актуелниот селектор Благоја Милевски, кој му завршува на крајот на ноември. Но, според Панчев и Милевски треба да го води националниот тим и во баражот за СП 2026, и во следниот квалификациски циклус за ЕП 2028.

„Успехот е постигнат, да не се лажеме. За оваа генерација, секоја чест…! Не внесоа од Ц во Б-дивизијата во Лигата на нации. А, селекторот Боби Милевски беше со младата репрезентација и на Европско првенство 2017 година, па не однесе во финале на бараж за Светско првенство 2022, па еве сега повторно во бараж за СП 2026. Значи, дефинитивно имаат еден континуитет, имаат успех“ – вели Панчев, на кого се надополнува и Горан Попов.

„Играчите што беа на Европско првенство во Полска, заедно беа со Боби… Истите ги презеде потоа и во сениорската селекција и сега направи една добра хемија и добри резултати. Тоа така е, без разлика колку некои сакаат да кажуваат. Тој добро ги знае сите играчи карактерно кој каков е, кој што може да донесе, да придонесе за нашата репрезентација и затоа доаѓаат тие успеси коишто сега моментално ги имаме. Затоа кажувам, сега во нашата репрезентација има една хемија во која Боби си ги знае играчите, и во тоа може да се каже лежи успехот. И влече максимум…“ – истакнува Попов, и продолжува:

„Факт е дека имам рекорд од 14 едноподруго натпревари без пораз на официјални натпревари, во Лигата на нациите и во квалификациите. Можат да зборуваат некои колку сакаат, но тоа е факт – дека работи добро! Нормално дека има секогаш грешки, и кај селектори и кај играчи, кај било кого. Сме играле и ние знаеме како е…., но играчите и кога грешат треба да се поддржат и корегираат на вистински начин. А, Боби тоа добро го знае… Сакам да кажам, едноставно е многу, како селектор, да кажеш ти на играч после негова лоша партија: ‘Еј, слушај, денес играше вака лошо, следна те ставам на клупа’. Но, тогаш ти си мал. Затоа што, кога ќе изигра лошо, треба да го мотивираш играчот за следен натпревар да даде плус повеќе од тоа“.

Според, Дарко Панчев, Милевски недвојбено извлекува максимум од секој поединец во тимот…

„А, дополнителен проблем е што ти доаѓаат играчи, незадоволни од клубовите поради минутажа… Треба да ги подготви психички, да ги мотивира на вистински начин. Видете, ние сме една репрезентација која е во квалитетот релативно лимитирана. Ние имаме квалитет, ама не сме на ниво на големите репрезентации. И од тој аспект, Боби вади максимум од нив, да не се лажеме. Според мене, најважниот момент во неговата кариера на чело на А-репрезентација беше кога ја исчисти соблекувалната. И тогаш кажав, исклучиво проблем имаше во соблекувалната и затоа имаше лоши резултати. Кога тргна некои поединци кои му правеа проблем, му ја расипуваа атмосферата, сè полека-полека тргна на подобро. Факт е дека Милевски работи навистина добро, па јас да сум претседател на федерацијата, не знам кога му завршува договорот, па дури и предвреме, јас ќе му го продолжам договорот. Зошто? Па четири години покажува одлични резултати“ – вели македонската „Кобра“.

Мислите ли дека уште сега пред натпреварот со Велс, како би се внел мир во репрезентацијата и од тој аспект па и репрезентативците да знаат дека потоа и низ идниот квалификациски циклус би биле заедно со стручнит штаб, треба ли уште сега да му биде продолжен договорот на Милевски?

„Според мене апсолутно да. Според резултатите што ги покажа и покажува, навистина не треба се размислува, и сега уште пред Велс. Значи, влеговме во Б дивизија, два пати едноподруго сме во бараж, 14 натпревари сме без пораз. Тоа е факт. И тоа, треба да се знае, не ја води Белгија, не ја води Англија, ја води Македонија“ – вели Дарко Панчев.

ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ со ДАРКО ПАНЧЕВ и ГОРАН ПОПОВ, И ЗАСЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ

Се вчитува...