Панчев се потсетува на Бари: Тој пенал ќе го паметам цел живот

Пред точно 29 години на денешен ден Дарко Панчев беше најсмирен кога беше најпотребно, па со прецизно изведен пенал ја одведе Црвена Звезда на врвот на фудбалска Европа. Во големото финале против Олимпик Марсеј што се играше во Бари во текот на 120-те минути игра немаше премногу возбудувања, новиот европски првак се решаваше со пенал-рулет, а во него македонскиот голгетер биеше неодбранливо.

„Секогаш сум велел дека за голгетерите сите погодоци е исти, но пеналите во Бари се навистина нешто посебно. Тој момент, тој удар од белата точка ќе го паметам цел живот. Не беше лесно во финалето, можеби дури бевме и во подредена улога. Тоа не беше нашата најдобра средба, но подобро беше да не играме убаво, а да го кренеме трофејот, отколку сите да ги воодушевиме, а да останеме со празни раце. И ден денеска гледаме колку е тешко да се освои Лигата на шампионите, тоа дава уште поголема тежина на нашиот успех“, изјави Дарко Панчев.

Тој ги потенцираше и навивачите на „црвено-белите“ како многу значаен фактор во тој поход на европската круна.

„Навивачите во сите овие години покажуваат колкава сила му даваат на клубот. Секој меч на Црвена Звезда беше спектакл на свој начин, со фантастична атмосфера. Нашиот клуб отсекогаш создаваше имиџ, ја креваше својата звезда на небото, да се постави таму каде што и е местото благодарение на сите претходни генерации. Потоа, ние само го направивме тој последен чекор, да се погрижиме таа звезда вечно да сјае. Не сакам да бидам субјективен и да кажам дека „делије“ се најдобри навивачи во светот, но сигурно се меѓу најдобрите“, истакнува Панчев.

 

Се вчитува...