Најголемото име на македонскиот фудбал, Дарко Панчев беше гостин во Белград промовирајќи го новиот ретро-дрес на Црвена Звезда.
Легендарниот македонски голгетер потоа во интервју за „Звезда ТВ“ говореше за приврзаноста кон клубот со кој го освои пехарот во Лигата на Шампионите.
„Кога го облеков овој преубав дрес, ми се вратија спомените од 1991 година, кога ја покоривме Европа. Добив желба повторно да заиграм, но годините си го прават своето. Покрај светиот грб на бројот девет на грбот стои и мојот потпис, а има и ознака која покажува дека сум ја освоил Златната копачка. Мило ми е што на овој начин се чуваат сеќавањата на нашата генерација“, истакна Панчев.
Македонскиот фудбалер на векот не крие дека најубавите моменти во кариерата ги минал во Вардар и во Црвена Звезда.
„Нема никакви дилеми, јас секогаш сум кажувал дека Вардар и Црвена ѕвезда се моите два најзначајни клуба. Дека имам две мајки. Првата мајка ми е Македонија, другата е Србија. Таму ми било најубаво и тоа не може никој да го промени. Се останато било онака печалбарски, играње во странство, но она што го имам во срцето кон Вардар и Црвена Звезда, тоа е она вистинското. Спомените и чувствата ми се поврзани за овие два клуба“, вели Дарко Панчев во интервјуто дадено за ТВ Црвена ѕвезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

