Еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата, Дарко Панчев во интервју за српскиот медиум „Политика“ говореше на повеќе теми, а се осврна и кон реализираниот трансфер од Црвена Звезда во Интер во 1991 година.
Истиот тој го оцени како грешка во својата кариера, а откри дека имал и понуди да се пресели во други великани на европскиот фудбал како Барселона и Манчестер Јунајтед, но и пред-договор со лутиот ривал на „нероаѕурите“, Милан.
„Тука нема ништо спорно. Направив голема грешка. Интер тогаш немаше квалитетен тим, немаше хемија и атмосферата во соблекувалната не беше како што треба. Играа многу дефанзивно, а тоа беше голем проблем за нас, напаѓачите. Јас во Милано дојдов како зрел фудбалер и очекував да бидам првотимец, а не да се докажувам на тренерите. Бев еден од најбараните центарфори во Европа, но многу бргу ги нарушив односите со стручниот штаб и затоа седев на клупата“, вели Панчев кој откри и дека имал пред-договор со градскиот ривал на Интер, но и понуди од Шпанија и Англија.
„Многу гиганти се интересираа за мене. Имав понуда од Барселона и од Манчестер Јунајтед, но решив да заминам во Интер. Грешката е кај мене, ме бараа Јохан Кројф и Алекс Фергусон, но јас одбрав друг пат. Имав и пред-договор со Милан, а силно заинтересиран беше и Реал Мадрид. Ја преземам одговорноста, затоа што јас лично ја одбрав најлошата варијанта за мене“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА