Резултатската криза на Џенова уште повеќе се продлабочи откако тимот на Горан Пандев денеска претрпе уште еден пораз, овојпат на гостувањето против Лацио со резултат 3-1. Поразот можеби е очекуван, но уште повеќе од резултатот загрижува играта на Џенова, која повторно за 90 минути игра не создаде ниту една единствена шанса во противничкиот шеснаесетник, тренд што зачести откако Андриј Шевченко седна на клупата на оваа екипа.
Горан Пандев беше стартер за гостите против поранешниот клуб, но македонскиот ветеран се вклопи во сивилото на својот тим и беше заменет во второто полувреме.
Лацио по првото полувреме имаше водство од 1-0 со голот на Педро, кој казни една грешка на гостите по загубена топка на сопствената половина и рутински го совлада Сиригу. Второто полувреме донесе и два нови гола во мрежата на Џенова, најпрвин Ачерби зголеми на 2-0 по корнерот на Луис Алберто, а Алберто асистираше и при третиот погодок на „лацијалите“, кој беше дело на Закањи.
Слично како и на последниот пораз од Сампдорија, Џенова повторно успеа да постигне само утешен погодок пред самиот крај, дело на Мелегони во 86. минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА