ЕКИПА во Вадуц, Лихтенштајн
Владимир Булатовиќ
Специфичен е овој ноемвриски собир на македонската репрезентација, последен од групната фаза во Лигата на нациите, и за капитенот Горан Пандев кој токму низ претстојните два натпревари, вечерва против Лихтенштајн и во понеделник против Гибралтар, ја заокружува „100-та“ во националниот дрес.
Пандев вечерва од 20:45 часот на „Рајнпарк“ во Вадуц ќе го одигра својот 99. репрезентативен натпревар, веќе дефинитивно зачекорувајќи кон израмнувањето со единствениот репрезентативец во нашата историја кој досега има 100 настапи за сениорската репрезентација – Гоце Седлоски.
Јубилејот е повеќе од значаен и за најдобриот македонски фудбалер, но како што вели сето тоа е во втор план носени од желбата единствено со две победи и прво место во групата да го заокружиме овој дел од Лигата на нациите…
„Оваа репрезентација има квалитет и тоа уште еднаш ќе го докажеме во Лихтенштајн. Но, мора да останеме со чисти мисли, без преголемо оптоварување и да го одиграме она што знаеме и што умееме. Сигурен сум дека на тој начин без проблеми ќе стигнаме до триумфот против Лихтенштајн, а потоа и против Гибралтар“ – вели Пандев.
Капитенот досега во своите 98 репрезентативни настапи има и 33 погодоци, исто така најмногу на еден поединец во историјата на националниот тим. Во Лигата на нациите, низ претходните четири натпревари, има два гола зад своето име.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

