Реноминираната шпанска „Марка“ го стави капитенот на Македонија, Горан Пандев во 16-те фудбалери кои оставија белег во досегашниот дел од Европското првенство. Пандев беше стрелец на историскиот прв гол за Македонија на големите натпреварувања, а мечот против Холандија беше последен за него во дресот со националните бои.
„Македонија испадна во групната фаза, но поранешниот фудбалер на Лацио, Интер и Наполи остави печат на голем начин. Со неговиот гол против Австрија, стана вториот најстар фудбалер кој дал гол на едно Европско првенство, со 37 години и 321 ден, а само Австриецот Ивица Вастиќ од 2008 година е постар стрелец од него (38 години и 257 дена). Пандев исто така изнуди пенал по кој Езгијан Алиоски даде гол против Украина, а во мечот со Холандија со шпалир соиграчите го испратија во пензија со 122 меча и 38 гола во кариерата“, стои во текстот на „Марка“.
Покрај Пандев фудбалерите кои според „Марка“ оставија печат на ЕВРО 2020 се и Рахим Стерлинг (Англија), Били Гилмор (Шкотска), Џоел Похјанпало (Финска), Патрик Шик (Чешка), Дензел Дамфрис (Холандија), Мануел Локатели (Италија), Микел Дамсгард (Данска), Ромелу Лукаку (Белгија), Емил Форсберг (Шведска), Давид Алаба (Австрија), Робин Госенс (Германија), Атила Шалај (Унгарија), Џорџично Вајналдум (Холандија), Лука Модриќ (Хрватска) и Кристијано Роналдо (Португалија).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА