Џенова вечерва во рамките од Серија А ќе го пречека лидерот Наполи, а во пресрет на оваа средба фокусот на италијанската јавност е насочен кон Горан Пандев. Сега член на Џенова, македонскиот ас кој претходно со голем успех настапуваше за „наполитанците“ не крие дека му е мило што клубот од Неапол се наметнува меѓу главните фаворити за скудето.
„Наполи ми остана во срцето, таму минав три прекрасни години. Жалам што во тој период не стигнавме до титулата, но сметам дека последната година со Рафа Бенитез беа поставени темелите на овој тим, кој сега игра најубав фудбал во Италија. Ние со Интер стигнавме до тројна круна со цврста одбрана и одлични контранапади. И тоа не беше лошо, но сега Наполи игра прекрасен, атрактивен фудбал, има одлични фудбалери кои дефинитивно се забавуваат играјќи за Сари. Вечерва ние играме против нив, за да го запреме Наполи ќе мораме да дадеме 200% од своите можности. Тренерот добро ги анализираше, но знаеме дека се наоѓаат во извонредна форма. Од друга страна и ние имавме одлично реми минатото коло против Милан, што ни е дополнителен мотив пред дуелот со Наполи“ – изјави Пандев.
Џенова моментно се наоѓа на 14. место на табелата со шест освоени бода, дури 19 помалку од „наполитанците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА