Пандев наспроти свирежите на „Олимпико“: Секогаш благодарен на Лацио!

Македонскиот репрезентативец Горан Пандев беше еден од најзаслужните за триумфот на Џенова на гостувањето против Лацио од 1-2 во 23. коло од Серија А.

Пандев со погодок го „поздрави“ поранешниот свој тим со кого во 2010 година не се поздрави на најдобар наќин поради проблемите со Клаудио Лотито. Токму поради тоа и голот на Пандев на „Олимпико“ беше дочекан со свирежи од навивачите на „небесносините“.

„Свирежи? Секогаш ќе бидам благодарен на Лацио тим кој ме вивна во врвниот фудбал, а јас секогаш го давав максимумот за тој дрес. Но, сега сум во Џенова и очекувано сакам да го дадам најдоброто од себе за овој тим“ – истакна по синоќешниот дуел Пандев, притоа дополнувајќи дека победата следела сосема заслужено по максималното ангажирано издание на секој поединец во Џенова.

„Дадовме 100% од нашите сили, и затоа сосема заслужено следеше победата. Поставивме навистина одлична тактичка противигра за Лацио на кого не смеете да му дозволите да доминира на теренот ако сакате успех. Среќни сме со оваа победа која доаѓа во важен момент за нас. Добивме нов импулс пред следните натпревари“ – истакна најдобриот македонски фудбалер.

Горан Пандев во својата кариера за Лацио настапуваше од 2004 до 2010 година притоа оставајќи силна трага и со два освоени трофеи. За „лацијалите“ одигра 159 официјални натпревари постигнувајќи 48 гола.

 

Се вчитува...