Горан Пандев го продаде мнозинскиот пакет на акции на Брера Холдинг, но ова не значи и повлекување на македонската фудбалска легенда од клубот што Пандев самиот го создаде. Македонскиот прволигаш Академија Пандев во иднина ќе го носи името Академија Пандев Брера Струмица, а на претседателската функција ќе се најде токму Горан Пандев, кој верува дека може да даде сериозен придонес за развој на овој клуб.
Како што најавува Пандев, ќе биде донесен стручен штаб од Италија, а на овој проект мора да се гледа долгорочно, односно резултатите да се очекуваат за најмалку две-три години.
„Јас станав претседател на Академија Пандев Брера Струмица, нашето име си останува, нашиот клуб се ребрендира. Бордот на директори кој е во Њујорк одлучи јас да бидам претседател, со моето искуство, со познавањето на македонскиот менталитет можам многу да им помогнам на луѓето кои доаѓаат од странство. Конечно се завршија сите процедури околу преземањето на Академија Пандев. 90-отсто од акциите на нашиот клуб ги купи Брера Холдинг и од оваа сезона почнува една нова мисија, нов проект кој ќе биде добар не само за струмичкиот фудбал, туку и за македонскиот фудбал. Влегуваат нови луѓе, со нови идеи. Овој проект својот бенифит ќе го даде по 2-3 години, со макотрпна работа, со стручен штаб од Италија, ќе внесеме нешто ново во македонскиот фудбал“, изјави Пандев.
Тој се осврна и на целокупната ситуација во македонскиот фудбал, потенцирајќи дека за успех на репрезентацијата потребно е и да се крене нивото на домашната лига.
„Поразите од Англија и Украина болат. Ги познавам овие фудбалери, играв со нив. Жал ми е за нив. Одиграа одлични 60 минути со Украина, а потоа видовме што се случи со Англија. Тешко е да се очекуваат два врвни натпревари во три дена од нас, но и нешто друго не е во ред. Овие играчи не се истите како пред три-четири години, како да недостига хемија во репрезентацијата. Ние не сме навикнати на критики и одговорност. Гледаме дека по последните резултати на репрезентацијата никој не презема одговорност. Мора сите да размислуваме во еден правец, да го подигнеме мак-фудбалот, а од тоа придобивка ќе има и репрезентацијата. Ако имаме слаби лиги, Македонија ќе игра на Европско првенство еднаш во 50 години. Не сакаме да чекаме пак 30 години за пласман. Сметам дека може да се подигне фудбалот во земјава“, истакнува Горан Пандев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА