Пандев: Ова признание многу ми значи, но не е само мое, туку и за сите со кои ја делев чест да играм

Горан Пандев не го криеше задоволството откако нашата фудбалска легенда се најде на листата на лауреати кои во Владата добија специјални национални признанија за врвни резултати во спортот.

Пандев е еден од тројцата фудбалери кои се најдоа на списокот на спортски великани, заедно со Дарко Панчев и со Илија Најдовски, а „Гранде Горан“ во изјавата на самата церемонија ги спомена и оние кои му даваа поддршка во минатото, но и до ден денеска.

“Признанието ми значи, но исто така не е признание само лично за мене, туку и за сите со кои ја делев честа да играм. Соиграчите и тренерите, сите кои беа дел од мојот пат до успехот.  Особена благодарност упатувам до Фудбалската федерација на Македонија и претседателот Масар Омерагиќ за поддршката за ова признание и довербата во нашата заедничка работа. 

Повеќе од благодарност должам кон моето семејство. За нивната безрезервна љубов, жртва и поддршка во секој чекор од мојот пат. Горд сум што заедно испишавме едно од најубавите спортски поглавја во историјата на македонскиот фудбал. Но, уште порадосен што инспириравме нови генерации да сонуваат, да се борат и да веруваат. Чувствувам гордост, но и обврска да продолжиме да веруваме во големи работи”“, изјави Горан Пандев.

Се вчитува...