Пандев пред неделното дерби: Срцето ми вели Интер ќе победи…

Последното коло од Серија А ќе мине во знакот на дуелот меѓу Лацио и Интер, директна пресметка која ќе реши кој од овие два тима ќе се најде во Лигата на шампионите, а кој ќе мора да се задоволи со настап во Лигата на Европа наредната сезона. Горан Пандев со голем успех настапуваше во ЛШ и за „лацијалите“ и за „нероаѕурите“, па не е никакво изненадување што тиражниот весник „Газета дело спорт“ го интервјуираше токму македонскиот ас за прогноза на овој дерби дуел.

„Тоа се две силни екипи, но срцето ми вели дека Интер ќе победи. Факт е дека „нероаѕурите“ немаат што да загубат, ќе играат на се или ништо и верувам дека таквиот пристап ќе им донесе резултат. За мене клучен играч на ова дерби ќе биде Мауро Икарди, додека кај Лацио многу работи ќе зависат од Милинковиќ Савиќ, но верувам дека квалитетот е на страната на гостите од Милано“ – изјави Пандев, кој со Интер ја освои титулата во Лигата на шампионите под водство на Жозе Мурињо.

Македонскиот ас поради суспензија го пропушти дуелот со Беневенто, но ќе се врати во тимот на Џенова за последното коло и пресметката со Торино.

Се вчитува...