Македонската фудбалска легенда Горан Пандев, зборуваше во поткастот на Интер, кој го води неговиот поранешен соиграч Андреа Ранокија.
Тој зборуваше за неговите почетоци во фудбалот, потоа трансферот во Интер, но и работата која ја работи сега. Пандев рече дека ќе се приклучи на работата во Федерацијата, и ќе се обиде со своите искуство да им помогне да напредуваат помладите генерации.
„Веќе бев откажан од репрезентацијата. Се вратив потоа, и имавме шанса против Грузија да се пласираме на Европското првенство, јас постигнав гол и победивме 1-0. Кога играш за репрезентацијата, е сосема поинаква приказна. Мојата фамилија живее во Македонија. Имам своја фудбалска Академија, насекаде низ Македонија, каде што им се дава шанса на младите играчи. Секогаш размислувам што да направам. Не се гледам себе си како скаут или како тренер, сметам дека тоа не можам да го работам. Но, сакам да се вратам во федерацијата и да им дадам поддршка на младите генерации. Сакам да им дадам вистинска програма за напредок и да им го пренесам моето искуство кое ќе им помогне во нивниот развој. Сметам дека сега е вистинскиот момент“, рече Пандев.
Пандев зборуваше за напуштањето на Беласица, и приклучувањето на Интер.
„Играв за Беласица на Вијареџо Купот, и тогаш Перлуиџи Касераги ме забележа и ме повика во Интер. Веднаш му одговорив дека сакам. Играв потоа со Интер на Вијареџо. Таму беше и Мартинс во тимот“, изјави Пандев, а потоа кажа и за враќањето во Интер.
„Кога се вратив во Интер, таму беа Ето, Милито, Балоели, Кварезма. А, јас шест месеци немав играно фудбал. Мислев дека ќе останам на клупата подолго време, но веднаш добив шанса да играм“, рече поранешниот фудбалер на Интер.
Пандев рече декапочувствувал кога треба да се откаже.
„Немав сила ниту да играм 20-30 минути, и тоа беше доволен знак да се пензионирам“, рече Пандев.
На прашањето што најмногу му недостасува во фудбалот, одговори:
„Секако дека ми недостасува фудбалот воопшто, секако ми недостасува соблекувалната, заедничката забава, заедничките ручеци, тој притисок пред натпреварите во недела…“, изјави македонската фудбалска легенда.
Целиот разговор може да го погледнете низ следното видео:
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА