Академија Пандев и Силекс вечерва од 19 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во финална пресметка за трофејот во Купот на Македонија.
„Пандевци“ во второ по ред свое финале во Купот и по вториот трофеј во клупската историја, откако пред две години на пенали славеа против Македонија ЃП.
„Очекуваме да го задржиме трофејот. Ние сме последни освојувачи, верувам дека ќе го дадеме максимумот, тоа е шанса за излез во Европа. Шансите се 50-50, можеби наша мала предност е што обезбедивме опстанок, а Силекс ќе треба да игра бараж. Финалето се игра да се победи и на таков начин ќе му пристапиме. Сите фудбалери се подготвени за настап и максимално се мотивирани“ – вели тренерот Александар Васоски.
Доколку Академија Пандев успее вечерва да стигне до пехарот ќе се израмни со два трофеи во најмасовното домашно клупско натпреварување со Пелистер, Шкендија, Тетекс и Силекс, кој пак цели 24 години чека на ред.
Кратовци последен пат го освоија пехарот во Купот во 1997 година кога во финалето убедливо ја совладаа Слога Југомагнат.
„Максимално сме мотивирани, по цели 24 години сакаме пехарот да го вратиме во Кратово. Потоа ќе мислиме на баражот, секако, и тоа е многу важно, да останеме во Првата лига. Сите се подготвени и максимално фокусирани“ – вели стратегот на Силекс, Горан Симов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА