Финалето од Купот на Македонија секогаш е огромен мотив за надигрување со секоја екипа, порачуваат од редовите на Академија Пандев во пресрет на утрешната пресметка со Македонија ЃП на националната арена „Тодор Проевски“.
Тренерот на „пандевци“, Југослав Тренчовски и капитенот Сашко Пандев нагласуваат дека се подготвени за квалитетен фудбал како би дошле до својот прв историски трофеј во македонскиот фудбал.
„Финале на Куп е мотив за секоја екипа. Добро се познаваме и сигурно ќе биде интересен, неизвесен дуел. Ние сме подготвени да дадеме се од себе за да стигнеме до првиот трофеј во историјата на македонскиот фудбал. Ова е прво финале за еден клуб од Струмица и се надевам дека ќе го обелиме образот и ќе го донесеме трофејот дома“ – вели Југослав Тренчовски.
Сашко Пандев, пак, ќе го „брка“ својот втор трофеј во Купот на Македонија откако претходно еден освои со Работнички…. А, тој беше стрелец на голот токму против Македонија ЃП кој потоа донесе и трофеј за „романтичарите“.
„Се погоди тогаш некако да го постигнам јас тој погодок кој донесе трофеј за Работнички против Македонија ЃП. Тоа беше гол од Господ кој тогаш не донесе до продолженија и победа во пенал-рулетот. Сега ќе биде исто така неизвесен меч. Го почитуваме противникот, а јас може да порачам нека победи подобриот“ – истакна Пандев.
Финалето од Купот на Македонија утре на арената „Тодор Проевски“ се игра со почеток од 18:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА