Пантер му пресуди на „својот“ Партизан

Барселона по голема борба славеше над Партизан со резултат 87-80, триумф со кој каталонскиот гигант направи голем чекор кон плејофот ако се знае дека во овој меч влезе со идентичен скор како и белградските „црно-бели“. Во главна улога беше Кевин Пантер, поранешниот капитен на Партизан кој вечерва блесна во дресот на Барса, враќајќи се по повредата и водејќи го својот тим до голем триумф.

Партизан почна фуриозно и поведе со двоцифрена предност, Барса делуваше безидејно во почетните минути, но тоа се промени со влегувањето на Пантер. Американецот постигна четири тројки до крајот на четвртината, пет до крајот на полувремето, кревајќи го својот тим. На спротивната страна Партизан ја загуби самодовербата и можеа да се видат бројни промашени чисти шутеви на гостите, што Барса го искористи за да дојде и до двоцифрена предноста. Гостите од Србија покажаа карактер и се вратија, но немаа сили за целосен пресврт, откако Пантер и Саторански со клучни поени повторно ја одлепија домашната екипа на патот до победата.

Кевин Пантер за 22 минути игра постигна 24 поени надополнети со 6 асистенции, Мету реализираше 16 поени за Барса, додека најефикасни кај Партизан беа Браун и Мајк со по 16 поени.

Анадолу Ефес во фантастичен меч како гостин го совлада Баерн во Минхен со 92-97. Турскиот тим имаше неверојатно прво полувреме во кое погоди девет тројки, а Бобоа постигна 21 поен, но двоцифрената позитива експресно се истопи во третиот период. Неизвесната завршница мина во знакот на Шејн Ларкин, кој постигна осум поени во последната минута и ја прекина црната серија од осум порази на Ефес на гостувањата во Евролигата.

Ларкин со 25 и Бобоа со 23 поени ги предводеа стрелците на Ефес, додека кај Баерн најефикасни беа Едвардс и Вајлер-Баб со по 18 поени.

Се вчитува...