„Панцерите“ ја совладаа Австралија во трилер меч

Фудбалерите на Јоаким Лев успеаа да обезбедат триумф над Австралија во првото коло од Купот на конфедерации. Германија со победа од 3-2 го направи првиот чекор кон нокаут фазата, „Кенгурите“ на два пати пробуваа да се вратат во мечот, но беа немоќни во завршницата. „Панцерите“ иако на овој турнир настапуваат со потполно нова, подмладена селекција, продолжуваат со победите. Оваа е веќе 12. во низа во сите конкуренции, последениот пораз беше против домаќинот Франција во полуфиналето од ЕП минатата година.

Германците започнаа фуриозно, уште во првиот напад дојдоа до предност од 1-0. Во 5. минута по проигрувањето на Жулијан Брандт, везниот фудбалер на Менхенгладбах, Ларс Стиндл ја затресе мрежата на Австралија. Доминацијата на „панцерите“ растеше од минута во минута, можеа да ја зголемат предноста преку Сандро Вагнер, но напаѓачот во два наврати за десетина минути не успеа да реализира. Израмнувањето стигна во 41. минута, откако Том Рогич по вториот обид ја смести топката во десниот долен агол. Радоста за националниот тим на Австралија траеше кратко, во предпоследната минута од полувремето  Луонго го сруши Горецка во шестнаесетникот, а капитенот Дракслер беше прецизен од белата точка за ново водство.

По паузата Германија со нов притисок стигна до гол во воведните минути. Џошуа Кимих упати фантастична топка до Горецка, а плејмејкерот на Шалке имаше лесна задача да го совлада Метју Рајан за 3-1.  Во 56. минута Австралија одново успеа да го намали водството на германската репрезентација, откако Томи Јуриќ стигна прв до топката во мешаницата пред голот на Лено. До крајот на средбата „Панцерите“ имаа уште неколку прилики за гол, но и Австралија не се предаваше. Неколку шанси на двете страни, но мрежите мируваа до последниот свиреж на судијата.

Германија ги обезбеди првите три бода во групата Б, во следното коло ги очекува натпревар против Чиле, додека Австралија ќе ја бара првата победа против Камерун.

https://www.youtube.com/watch?v=Eeskr8ntkx4

Се вчитува...