ПАО ја доби мајсторката со Ефес, европскиот првак ќе ја брани круната на Ф4

Панатинаикос е последниот патник на фајналфор турнирот од Евролигата откако актуелниот европски првак по голема битка славеше над Анадолу Ефес со 3-2 во победи, триумфирајќи во мајсторката на домашен терен со 75-67.

Избраниците на Ергин Атаман тргнаа фуриозно и предводени од Осман уште во раната фаза стигнаа до двоцифрена предност. ПАО продолжи моќно и во втората четвртина, поведувајќи со огромни 23 поени предност, но потоа Ефес полека, но сигурно почна да се враќа во натпреварот. Турскиот тим не се предаде, ја спушти разликата и под пет поени, но Панатинаикос имаше доволно квалитет и искуство за да го приведе мечот до крај и да стигне до билет за Ф4.

Осман го одигра својот најдобар меч во дресот на ПАО реализирајќи 28 поени и осум скокови, Хуанчо Хернангомез имаше скромни три поени, но и 11 скокови, додека Кендрик Нан го заврши мечот со 12 поени, но и катастрофален шут од поле 4/16. Брајант со 15 и Ларкин со 11 поени беа единствените со двоцифрен ефект во Ефес.

„Зелените“ за противник во полуфиналето од фајналфор турнирот ќе го имаат Фенербахче, додека во втората полуфинална пресметка ќе се сретнат Олимпијакос и Монако.

Се вчитува...