Раководството на Панатинаикос никако не може да се помири со катастрофалниот старт на серијата со Фенербахче, откако турскиот тим славеше на првите две средби во Атина и сега се наоѓа на чекор до пласман на фајналфор турнирот во Истанбул. Кој губи, има право да се лути, па така газдите на ПАО решиле да испратат и официјална жалба до Евролигата.
Во неа, прв на удар бил судијата Пукл, а споменат е и македонскиот ас Перо Антиќ. Имено, во втората четвртина дојде до мал конфликт меѓу Антиќ и Синглтон по кој и двајцата кошаркари добија технички грешки, но во ПАО се жалат дека нивниот Американец не заслужил такво нешто бидејќи воопшто не реагирал на „провокацијата на Антиќ“.
Меѓу другото, грчкиот тим се жали и на недосудениот фаул на Калиниќ врз Бурусис, како и на прекршокот на Диксон врз Синглтон што не бил регистриран од судиите по промашената тројка на Риверс во последната минута.
Челниците на ПАО заедно со жалбата испратиле и видео-снимки од овие спорни моменти, во обид да направат притисок врз арбитрите пред утрешниот дуел во Истанбул, бидејќи е јасно дека никако не може да се влијае врз конечниот исход и победата на Фенер забележана во Атина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА