Паредес денеска потпишува за Јувентус

Леандро Паредес ќе биде најновото засилување на Јувентус, трансфер што ќе биде комплетиран во денешниот ден откако директорите на „старата дама“ конечно постигнаа договор со ПСЖ околу деталите за едногодишната позајмица.

Двете страни петнаесетина дена разговараа за доаѓањето на Аргентинецот кој не е дел од плановите на тренерот Галтие, но Јуве поради финансиските проблеми може да си дозволи само позајмица на овој искусен играч за врска. Паредес сака да се врати назад во Италија каде своевремено настапуваше за Рома, поради што одби неколку богати понуди, па „светците“ на крајот беа принудени да ги прифатат условите на кои инсистираше Јувентус, клаузулата за откуп на крајот од сезонава да не биде задолжителна, туку само доколку „црно-белите“ се задоволни од она што Аргентинецот ќе го прикаже во нивниот дрес.

Италијанските медиуми најавуваат дека трансферот ќе биде официјализиран во текот на денешниот ден, а Јувентус до крајот на преодниот рок ќе настојува да се ослободи од двајца играчи за врска кои моментно се дел од тимот на Алегри, Бразилецот Артур и швајцарскиот репрезентативец Закарија.

Се вчитува...