Парис победник во Квитфил, малиот кристален глобус во супер-џи за Одермат

Италијанскиот скијач Доменик Парис стигна до втора победа викендов во норвешкиот ски-центар Квитфил. По победата во петокот на спуст трката, Италијанецот денеска беше најбрз и во скратениот супервелеслалом.

Парис до победата стигна со време од 1:08.89 минута што беше за 38 стоти делови од секундата подобро од второпласираниот Канаѓанец, Џејмс Крофорд. Подиумот го надополни Словенецот, Миха Хробат кој доцнеше 47 стотинки зад победничкото време.

Марко Одермат заврши четврти и со тоа и математички го обезбеди малиот кристален глобус во супервелеслалом. Веќе на следната трка се очекува тој да го осигура и големиот кристален глобус бидејќи на шест трки до крајот има повеќе од 500 поени предност пред второпласираниот Норвежанец, Хенрик Кристоферсен.

Се вчитува...