Кошаркарите на Асвел во драматичен натпревар на кој беше поставен сезонски рекорд, беа подобри од Париз во француската пресметка на отворањето на четвртото коло од Евролигата.
Асвел како гостин славеше со 96:98 (21:14,22:32,34:28,19:24) и дојде до втората победа во елитното кошаркарско натпреварување.
На овој натпревар двата тима дадоа дури 29 тројки и го надминаа рекордот од 26 погодени тројки оваа сезона кој го држеа Валенсија и Асвел.
Првата четвртина му припадна на домашниот тим, но одличната втора четвртина на Асвел која ја доби со десет поени, му овозможи на одмор да замине со предност од три поени (43:46). Во третата четвртина на сцена стапи поранешниот кошаркар на Бруклин нетс, Тајсон Етиен кој постигна 17 поени за три и пол минути и ја крена домашната публика на нозе.
Неверојатната шутерска пресметка продолжи и во последната четвртина, а по поените на Етиен, Париз поведе со 95:91 на три минути до крајот.
Но, гостите успеаја да се вратат и во последната минута од натпреварот да се влезе со израмнети 95:95 по двете слободни фрлања на Пати Милс.
Хифи потоа реализира едно слободно фрлање за 96:95, а Асвел одговори со поените на Вотерс на 49 секунди до крајот. Во последниот напад Херера промаши шут за тројка, а по прекршокот на Етиен, Боломбој реализира едно слободно фрлање за конечни 96:98 откако Хифи не погоди со звукот на сирената.
Надир Хифи кој беше најпрецизен на натпреварот со 30 поени, Етиен даде 27 поени за Париз, додека кај Асвел најдобар беше Пати Милс со 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
