Париз изненади: Наследникот на Сплитер доаѓа од Чешка

Париз беше најпријатно изненадување во Евролигата минатата сезона, а францускиот првак ќе се соочи со уште посериозен предизвик во сезоната што претстои ако се земе во предвид ремонтот во играчкиот кадар, но исто така и во стручниот штаб на екипата од „градот на светлината“.

Тијаго Сплитер си замина прифаќајќи понуда од НБА-лигата, а по долги дилеми челниците на Париз се решија за нов стратег да го изберат Франческо Табелини, 42-годишен италијански стратег чиј последен ангажман беше во Чешка.

Имено, Табелини го предводеше тимот на Нимбурк до нова титула, во текот на целата сезона имајќи импресивен скор од 57 победи и само осум порази во сите натпреварувања, а чешкиот тим стигна и до четвртфиналето од Лигата на шампионите на ФИБА.

„Нашиот генерален менаџер Џејмс Њуман го препозна Франческо како тренер кој заслужува внимание и шанса. Сега кога имав можност подобро да го запознаам, имам апсолутна доверба во овој стратег. Немојте да се изненадите ако биде избран за тренер на годината во Евролигата“, изјави претседателот на Париз, Дејвид Кан.

Се вчитува...