Парма дефинитивно ќе се натпреварува во „Серија А“ во наредната сезона, но овој клуб ќе стартува со минус пет бода на табелата. Ова е конечната одлука на италијанскиот суд во случајот против Парма, по обвинението против клубот поради наводно влијание врз противнички фудбалери во пресрет на последното коло од втората лига.
Како докази беа наведени СМС пораки меѓу фудбалери на двата тима со барања ривалите да не бидат премногу агресивни кога мечот е од многу поголемо значење за Парма. Судот пресуди дека постапките на индивидуалци не се доволни за екипата да биде исфрлена од елитното друштво, но затоа фудбалерот Емануеле Калајо, кој ги испраќал пораките, е ригорозно казнет со двогодишна суспензија.
Парма пред неколку години поради финансиски колапс прогласи банкрот, од најнизок ранг на натпреварување успеа експресно да се врати во елитата, но јасно е дека со стартната бодовна негатива битката за опстанок во Серија А ќе биде уште потешка за овој клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

