Парондо: Има доволно време, одиме чекор по чекор

Новиот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, е оптимист дека ќе успее да ги склопи коцките во новиот црвено-црн мозаик, па Вардар повторно ќе игра значајна улога на европската ракометна сцена. Во ситуација кога клучните играчи на чело со тренерот Гонзалес си заминаа, јасно е дека пред новиот стратег е максимално сериозен предизвик, но Парондо верува дека има доволно време за да го воигра тимот.

„Ќе одиме чекор по чекор. Имаме тешка група во лигата на шампионите, но и сезоната е долга. Има време за се. Имаме нови играчи, ќе треба сето да се вклопи и да најдеме најдобар баланс“, изјави Парондо по првата прозивка.

Уште поголем е предизвикот за новиот голман, Дејан Милосављев, кој доаѓа на голот на местото на незаменливиот Арпад Штербик.

„Го гледам Вардар на врвот исто како и досега, но ќе мораме тоа да го покажуваме од натпревар во натпревар. Очекувам да ја оправдам довербата која клубот ми ја укажа со ангажирањето. Свесен сум каде доаѓам, но ќе морам со секој нов меч да покажувам дека го заслужувам местото во овој клуб“ – истакна Милосављев.

Се вчитува...