Ова е само почеток на сезоната и нема простор за преголема еуфорија. Тоа е ставот на Роберто Гарсија Парондо, со што младиот стратег многу искусно им става до знаење на своите ракометари дека мора да се остане цврсто на земја и по триумфот над Веспрем, за победничката серија во Лигата на шампионите да продолжи и во периодот што следи.
„Имаме одличен почеток, тргнавме со Монпелје, го добивме и Кристијанштад, за да триумфираме и во Веспрем. Сепак, не смееме да застанеме овде, мораме да продолжиме со вакви игри и во следниот период. ЛШ е тешко натпреварување во кое мора да се одржува континуитетот, нема време за премногу варирања во формата. Има уште многу за играње, ние имаме три победи, но да не се заборави дека имаме уште единаесет натпревари во групната фаза“ – истакна Парондо.
Вардар во следното коло од Лигата на шампионите на домашен терен ќе го пречека Рајн-Некар Левен, а претходно „црвено-црните“ во рамките од СЕХА-лигата ќе бидат домаќини на екипата на Војводина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА