Парондо: Против Загреб во ЛШ ќе биде многу поинаку отколку во СЕХА

Македонскиот ракометен првак, Вардар до осминафиналето во Лигата на шампионите ќе треба да го комплетира лигашкиот дел во СЕХА. Првиот предизвик веќе утре е дуелот против Мешков Брест, а потоа ќе следуваат и мечевите со Нексе и со Извиѓач. Сепак клучно за Вардар во март ќе биде осминафиналниот двомеч од Лигата на шампионите против Загреб. Тренерот Роберто Парондо потенцира дека дуелите против хрватскиот тим се најважните за неговата екипа во досегашниот дел од сезоната.

„Знаеме одлично за каква екипа се работи. Нема да биде воопшто лесно. Ние веќе одигравме две средби со овој тим во СЕХА-лигата, но сега ќе биде поинаку. Едно е да се игра во групна фаза, сосема друго во Лигата на шампионите. Тоа е силен ривал и ќе мораме да се сконцентрираме добро и да се подготвиме. Сепак, пред тој натпревар ние ќе одиграме уште три во СЕХА-лигата, па потоа ќе се насочиме кон предизвикот против Загреб“ – вели Парондо.

Пресметките околу потенцијалниот четвртфинален противник вели Парондо во моментов се далеку од Вардар.

„Не сакам сега да мислам подалеку, ни следуваат елиминациските натпревари со Загреб, а потоа и Ф4 во СЕХА-лигата. Не мислам за Сегед и за Висла. Сегед беше втор и тоа треба да значи дека е подобра екипа, но видовте минатата сезона како Монпелје стана шампион доаѓајќи од Ц и Д групите. Така што никогаш не се знае. Исто така лани и Скјерн го елиминира Веспрем“ – вели шпанскиот предводник на „црвено-црните“.

Шампионот на Македонија по одигрувањето на трите преостанати средби во СЕХА, оди на Загреб, потоа следува завршниот турнир во регионалното натпреварување.

 

 

Се вчитува...