ЕКИПА во Брест,
Катерина Павлова Николовска
Роберто Гарсија Парондо во првата сезона како предводник на Вардар е на чекор до прва титула, одбрана на трофејот во СЕХА лигата. По триумфот во драматичното полуфинале над Брест, Парондо и неговите играчи на Ф4 турнирот во финалната пресметка се соочуваат со старот познаник, Загреб. Во интервју за ЕКИПА, Парондо се осврнува на полуфиналето и на очекувањата од финалниот дуел со Загреб.
На што се должеше падот во играта на Вардар во второто полувреме од полуфиналето ?
„Ние се обидовме да играме исто како во прво полувреме, но Брест беше подобар во одбраната и не ни дозволи. Ние знаевме дека ќе ни биде тешко птотоив одбраната на Брест, мислам дека имаше неколку ситуации за исклучување на две минути, но судиите тоа го одмолчеа и тоа беше проблем за нас“ – објаснува шпанскиот стратег.
Повторно против Загреб, нов дуел за многу кратко време, но ова е еден натпревар, битка за титула, веројатно ќе биде поинаков од сите претходни сезонава?
„Треба да знаеме дека ова е финале, еден натпревар и нема врска со тоа што беше во Лигата на шампионите. Ние секако сакаме да победиме денеска. Играчите знаат како игра Загреб, имаат многу натпревари против нив. Ние ќе се фокусираме на натпреварот“ – вели Шпанецот.
Како ќе ги кренете изморените играчи кои се во битка со набиената агенда и тешките натпревари во серија?
„Финалето е доволна мотивација. Треба да се одигра. Нема многу време ниту за тренинг, ниту за некои подоготовки. Влегуваме комплетно во натпреварот. За ова сме дојдени, за финале и за титула“ – завршува предводникот на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА