Информацијата која ја сподели шпанскиот медиум „Дефенса Централ“ дека Партизан му понудил на репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Џанан Муса тригодишен договор вреден два милиона евра по сезона денеска ја демантира белградскиот евролигаш.
Во официјално соопштение КК Партизан демантира понуда и било каков разговор со Муса, а напоменува дека бомбастичните најави не се случајни и се игра против клубот.
„Сведоци сме дека во пресрет клучниот дел од сезоната во јавноста се појавија информации дека еден од најдобрите кошаркари на Реал Мадрид, Џанан Муса има понуда од КК Партизан. Со огромна почит кон Муса и неговите играчки квалитети кои се неспорни, оваа вест не е точна бидејќи никој од клубот не го контантирал него, ниту неговиот агент, а не пак да испратил понуда.
Оваа вест сама по себе не предизвикува големо внимание во јавноста доколку не е во прашање десетина пати повторен случај во кој во јавноста се пласираат бесмислени информации за понуди на Партизан кон одредени играчи, во главно во текот на натпреварувачката сезона. Клубот и овој пат напоменува дека овие работи не се случајни и апелира кон медиумите бомбастичните вести слободно да ги проверат кај раководството пред да ги објават“, стои во дел од соопштението.
На целата приказна се надоврза и агентот на Муса, Мишко Ражнатовиќ, кој стави до знаење дека репрезентативецот на БиХ нема да си замине од Реал во текот на летото.
„Договорот што Џанан Муса го има со Реал Мадрид истекува на крајот од сезоната 2024/25. Во него има само клаузула за предвремено заминување во НБА-лигата“, објасни Ражнатовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА