Партизан е ептен моќен – во Белград „изгоре“ и моќниот Олимпијакос

Партизан е на чекор до пласман во Топ 8 фазата од Евролигата откако српскиот кошаркарски гигант ја продолжи успешната серија со триумф над Олимпијакос (90-75). Грците допатуваа во Белград како едни од главните фаворити за европската круна, но изгореа во пеколната атмосфера во „Арена“ и на крајот претрпеа убедлив пораз.

„Црно-белите“ доминираа во првото полувреме, во кое Олимпијакос се мачеше да влезе во напаѓачки ритам, промашувајќи многу отворени шутеви. Предводени од Нанели и од Лесор кошаркарите на АБА-вицепрвакот на одмор заминаа со 48-34, но јасно беше дека гостите нема да се предадат без борба. Олимпијакос заигра подобро во одбраната, во првите шест минути од третиот период прими само четири поени и ја спушти разликата на само четири. Во вистински момент за Партизан се разбуди Егзум, кој ја презеде одговорноста во нападот, го врати својот тим во ритам, по што избраниците на Жељко Обрадовиќ апсолутно заслужено стигнаа до убедлив триумф.

Нанали со 19 и Пантер со 17 поени беа најефикасни, додека Лесор оствари дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови за Партизан. „Црно-белите“ завршија одлична работа и во одбраната, запирајќи го Везенков на само шест поени.

Партизан сега се наоѓа на делба на шестото и седмото место со тимот на Макаби, со идентичен скор 17-13, две победи повеќе од Басконија и Жалгирис, кои моментно се на осмото и деветтото место на евролигашката табела.

Се вчитува...