И оваа сезона во големото финале од АБА-лигата ќе се сретнат Партизан и Црвена Звезда откако „црно-белите“ славеа во мајсторката со Будуќност со резултат 100-86. Конечниот исход делува убедливо, но мора да се истакне дека гостите од Подгорица три четвртини целосно му парираа на големиот фаворит, но немаа сили да издржат во последните десет минути, што беше искористено од страна на избраниците на Жељко Обрадовиќ.
По првата четвртина резултатот гласеше 23-21 за Партизан, но потоа Будуќност одигра неверојатно во нападот во вториот период, постигнувајќи 33 поени за десет минути (25-33) и на одмор заминувајќи со шест поени предност. Значаен фактор за падот на гостите во финишот сигурно претставуваше фактот дека Јоги Ферел беше исклучен во третата четвртина, добивајќи техничка грешка за приговор кон судиите откако во вториот период доби неспортска грешка по еден дуел со Аврамовиќ.
Тимот на Партизан знаеше како да го искористи тоа, во главна улога беше Алекса Аврамовиќ, па „црно-белите“ целосно го разбија противникот во последните десет минути, добивајќи ја оваа четвртина со 27-15 и триумфирајќи со конечни 100-86, за победа од 2-1 во оваа полуфинална серија.
Алекса Аврамовиќ со 20 поени беше најдобар поединец во таборот на Партизан, по 19 постигнаа Пантер и Нанели. Кај Будуќност се до исклучувањето одличен беше Ферел со 18 поени без промашување од поле, но по излегувањето од игра на американскиот плејмејкер гостите немаа доволно арсенал во своите редови за да го задржат ритамот во завршницата и го загубија овој натпревар со „минус 14“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА